Цветанка Иванова нов генерален секретар на Собранието на Република Македонија

15 Јули 2017

Поранешната пратеничка од Струмица, Цветанка Иванова, денеска со 58 гласа „за“ е избрана за нов генерален секретар на Собранието на Република Македонија. Претходно, пратениците го разрешија досегашниот секретар, Жарко Денковски.

На изгласувањето на новиот генерален секретар на Собранието му претходеше маратонска седница за предлог завршната сметка за буџетот за 2016 година.

Иванова ќе има улога да ја организира работата на собраниските служби и да му помага на претседателот на Собранието во подготовките, организацијата и текот на заседанијата.

Иванова е дипломиран правник, беше пратеник од редовите на СДСМ од 2002 до 2014 година, беше координатор на пратеничката група на СДСМ, претседател на Законодавно-правната и Комисијата за труд и социјална политика и координатор на женското лоби.