Советот на општина Струмица со нов советник од ВМРО-ДПМНЕ

10 Јули 2017

Весна Пешевска од денеска е новиот член на Советот на Општина Струмица, по повлекувањето на Никола Пандев од Советот, како член на советничката група на коалицијата „За подобра Македонија“. На денешната 55-та седница, членовите на Советот на општина Струмица прифатија повеќе предложени решенија, програми и одлуки од повеќе области.

На дневен ред беа и разрешувањата и именувањата на членовите на училишните одбори на средните општински училишта во Струмица, како и на управниот одбор на градинката „Детска радост“, бидејќи мандатот на претходните членови е истечен, односно на тројца од вкупно 12, колку што ги има во училишните одбори.

На дневен ред беа и 14 точки од урбанизмот, односно, легализација на бесправно изградени објекти и со донесување на овие одлуки граѓаните кои се опфатени со нив ќе можат да продолжат со постапката пред надлежниот орган за легализација на своите бесправно изградени објекти. Овие точки на дневен ред беа на 50-тата седница на која советничката група коалицијата „За подобра Македонија“ во повеќе наврати ја напуштија оваа седница, но денеска беа едногласно прифатени сите заостанати точки, откако предлагачот ги повлече од 50-та седница и ги стави на дневен ред на 55-та седница на која истите се усвоени.

На денешната седница беше усвоена дополнителната точка на дневниот ред за доделување на првична помош во висина од 50.000 денари на Рајна Темкова од селото Костурино за санирање на опожаренат куќа од пред еден месец.