Ансамблот „Тримери“ слави 10 години! Во сабота голем роденденски концерт!

05 Јули 2017

Ансамблот за народни игри и ора „Тримери“ од Струмица деновиве го одбележува своето 10-годишното постоење.

„Тримери“ со своите концерти низ Европа го претставува македонското фолклорно творештво и ги негува традиционалните обичаи од Струмичкиот регион, со што може да го добие епитетот амбасадор на Струмица и Македонија насекаде низ Европа каде настапува.

Покрај негувањето на фолклорното творештво, народните обичаи, игри, Ансамблот „Тримери“ ги презентира и традиционалните македонски носии, од кои располага со огромен број, изложени во богатата гардероба во просториите каде работат играорците, кои ги има од најмалото, па до највозрасниот член на „Тримери“ од вкупно стотина членови.

По повод јубилејот - 10 години Ансамбл „Тримери“, во сабота 8 јули, со почеток во 20:00 часот во големата сала на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, „Тримери“ ќе го одржи својот „роденденски“ концерт на кој ќе настапат сите стотина членови, поделени во групи, од најмалата возраст до „ветеранките“.

Покрај струмичките играорци на концертот како гости ќе настапат фолклорниот ансамбл „Трајко Прокопиев“ од Куманово и женската фолклорна група „Етно Радовишанки“ од Радовиш. Предходно во фоајето на Центарот за култура ќе биде отворена изложба на фотографии - ретроспектива на настапите на Ансамблот „Тримери“ во Македонија и низ европските држави. Изложбата ќе биде отворена до 13 јули.

Ансамблот „Тримери“ ќе одржи и втор концерт, овојпат на отворено, на плоштадот „Гоце Делчев“ пред платото на Центарот за култура во Струмица, во вторник, 11 јули со почеток во 20:30 часот, каде покрај „тримерџиите“ ќе настапи и фолклорен ансамбл од Кочани. Влезот и за двата концерти е слободен.