Како ќе изгледат 11-те дена на „Струмица Опен фестивал 2017“

03 Јули 2017

Организаторите на „Струмица Опен фестивал“ неодамна и официјално ја објавија годинашната програма за шестото издание што ќе се одржи од 3 до 13 август годинава. За време на фестивалските денови на петте сцени ќе настапат 80 артисти кои ќе бидат распоредени на 20 различни настани.

Отворањето на шестото издание ќе биде во знак на откривање на големи нешта направени со љубов. Лицето на градската библиотека „Благој Јанков Мучето“ ќе добие свој нов, позитивен и урбан изглед. Откривањето на двата мурала ќе биде збогатено со музички перформанс, улични свирачи, улични уметници, детски уметнички слики и изложба на најдобрите фотографи од наградниот фото-конкурс за убавините на Струмица. За реализација на оваа активност ангажирани се уметниците Ване Костуранов и Никола Пијанманов, како и музичката група „Паркети“.

Вториот ден ќе биде резервиран за ноќ на италијанската музика и на класиците на рокенролот од 60-тите и 70-тите години. Сабота на 5 август, на третиот ден, кај „чешмичката“ во големиот парк ќе биде изведената детската претстава „Пипи долгиот чорап“, а на истото место свој настап ќе имаат музичките ѕвезди на детскиот фестивал „ЈОЈО“, но и млади и стари играорци на Ансамблот „Тримери“.

Четвртата летна школа за гитара им овозможува бесплатни часови со еминентни професори на сите деца, ученици и љубитени на добрата музика од основните школи во Македонија. Многу дружење, забава и дводневни часови во основното музичко училиште „Боро Џони“, а сето тоа на крај ќе биде одбележано со завршен концерт кој ќе се одржи во малиот Градски парк во Струмица. Специјално изненадување за годинашното издание е 60-минутно предавање на Влатко Стефановски на традиционалната четврта Летна школа за гитара. Неговото гостување ќе помогне за популаризација на настанот и дополнителна мотивација на потенцијалните учесници.

Четвртиот фестивалски ден ќе биде надополнет и со Фестивалот на македонски народни песни, на лицата со телесна инвалидност, членови на повеќе здруженија од сојузот „Мобилност Македонија“.

Наредните денови ќе бидат резервирани за традиционалните настани, трка за келнери, концерт на џез музика, поетска и филмска вечер, ноќ на афоризми и стенд-ап комедија. Последните три фестивалски денови ќе се одржат музички концерти на македонски и балкански музички имиња.

На 11-ти август на сцената ќе настапат „Галија“, Гаро и браќата Тавитјан, Сергеј Цветковиќ, Јелена Томашевиќ и Жељко Бебек, како и Галоски и „Пата Пата рекордингс“. Дани, „Ван Гог“, Јелена Розга, „Мистик“ и „Астра-ион проект“ се планирани за 12-ти август. Последната фестивалска вечер, публиката ќе ги види концертите на Нино Величковски, „Квин реал трибјут“, Дино Мерлин, „Сирилик“ и „Дисконектит“.