Во Струмица се одржа Саем за вработување

13 Јуни 2017

Триесет компании ги претставија своите понуди на пазарот на трудот, како и условите кои ги нудат за работа, обука или пракса на Саемот за вработување во Струмица што денеска го организира Агенцијата за вработување на Република Македонија. 

„Од претходните искуства може да кажам дека токму саемското претставување донесе повеќе пополнети работни места и договори за вработување. Очекуваме дека и денешниот саем ќе го има истиот ефект. Генерален заклучок е помало присуство на невработените лица иако беа информирани со смс-порака за саемот“ - рече Павлина Ѓоргиева, директор на Агенцијата за вработување во Струмица.

Ова, додаде, е одлична можност компаниите да ја претстават својата понуда, а барателите да се обидат да дојдат до вработување, како и да се види кои се најбарани позиции во југоисточниот регион. 

Струмица е еден од шесте градови опфатени со третиот циклус саеми за вработување што треба да заврши во Скопје.