Боки 13-ка на средба со Струмичкиот градоначалник

12 Јуни 2017

Некогаш познатото лице од шоу-бизнисот Боки 13-ка, Бојан Јовановски, сега претседател на меѓународниот Сојуз за цивилно општество и социјално загрозени категории, имаше средба со градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов, на која се разговараше за помош на малиот Васко Тасев и неговото семејство, но и за создавање и основи за потпишување Меморандум за генерална соработка помеѓу Сојузот и општина Струмица.

„Станува збор за Меморандум кој ќе ги опфаќа сите граѓани на општина Струмица, особено, најранливите категории, преку точен систем кој предвидува јасни мерки и активности кои секако ќе го содржат тој Меморандум, а кој ќе го потпишеме во иднина. Не можеме да го занемариме фактот дека општина Струмица преку своето функционирање претставува европски ориентирана општина, а мораме да спомнеме дека Меѓународниот сојуз делува согласно сите стандарди на Европската унија и од таа причина од разговорот со господинот Јовановски наидовме на разбирање и на ист јазик по скоро сите точки. Искрено, морам да кажам дека моја цел и цел на господинот Јовановски е да гледаме што повеќе насмеани лица и да пружиме рака и помош на оние на кои им е најпотребна. Се надевам дека оваа наша денешна средба ќе биде основа за долга и плодна соработка меѓу општина Струмица и Mеѓународниот сојуз за цивилно општество и социјално загрозени категории“ - рече Костадинов по средбата со Јовановски.

Јовановски се заблагодари за средбата и изрази задоволство што може да соработува со млади луѓе кои се полни со ентузијазам, верба во добро и во своите цели.

„Денеска видов дека градоначалникот на Струмица има јасна намера и со топло срце да помогне таму каде што е потребно и такви луѓе се потребни на ова општество и мислам дека мисијата доколку работиме сплотено и заеднички ќе биде остварена“ - истакна Јовановски.

По средбата во кабинетот, Костадинов, Јовановски и претседателот на Советот, Јосиф Христов го посетија семејството Тасеви, на кое му е потребна помош.