Пазарџиите од Градскиот пазар во „Глобал“ излегоа да продаваат на улица

12 Јуни 2017

Пазарџиите кои продаваат во затворениот Градски пазар во ТЦ „Глобал“ во Струмица, од утрово ги извадија своите производи на тротоарот пред „Глобал“ и таму им ги нудат на своите потрошувачи.

На овој начин сакаат да го изразат својот револт за се поизразената улична продажба на зеленчук и овошје, а ниту локалните, ниту државните институции не реагираат. Тврдат дека ним стоката им останува во „Глобал“, додека надвор од Градскиот пазар се продава на големо.

Проблем со уличните продавачи имат и дуќанџиите во „долгата зграда“ кои продаваат текстилна стока и тоа пред нивните дуќани на тротоарот кај „Глобал“. Тие во изминатите денови своите возила ги паркираа токму на тротоарите, продажното место на уличните продавачи.

И пазарџиите и дуќанџиите со години алармираат на нелојалната конкуренција, но инспекциските служби и полицијата не превземаат мерки да ги заштитат.