Професорот Драги Рашковски од Струмица нов генерален секретар на Владата

05 Јуни 2017

Струмичанецот Драги Рашковски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ е новиот генерален секретар на Владата на Република Македонија предводена од премиерот Зоран Заев.

Доц. д-р Рашковски е роден во Струмица во 1984 година, каде што завршил основно образование и природо-научна гимназија. Во 2007 година завршил правни студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“. На „Јустинијан Први“ се стекнал со највисоки оценки и со три магистратури од областите на граѓанското материјално и граѓанското процесно право,  казненото право и криминалистика, право на интелектуална сопственост. На истиот факултет се стекнал и со два доктората насловени: „Остварување на формите на непосредна демократија со помош на информатичката технологија“ и „Дигитализација и автоматизација на комуникацијата на граѓаните со јавната администрација (со систем за дигитално комуницирање со јавната администрација“).

Д-р Драги Рашковски на Правниот факултет „Јустинијан Први“ од 2014 година е доцент на научната област воведни и теоретско-правни науки (право и информатичка технологија). Од 2011 до 2014 година бил  асистент на научната област воведни и теоретско-правни науки. Претходно бил помлад асистент на научната област воведни и теоретско-правни науки и демонстратор по предметот Вовед во право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје 2005-2008 и демонстратор по предметот Правна информатика на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје 2005-2008.

Рашковски е добитник 11-декемвриската награда на Општина Струмица за посебни остварувања, по повод празникот Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици.

Доц. д-р Драги Рашковски е автор на бројни научни трудови и универзитетски учебници кои се однесуваат на право и информатичка технологија и мрежното крадење лични податоци. Бил учесник и на голем број меѓународни семинари и предавања.

Д-р Драги Рашковски е и познат македонски иноватор. За неговата иновација „Електронска гласачка кабина“, Рашковски на Меѓународниот саем на иновации iENA2013, на кој учествуваа 700 патенти на иноватори од целиот све,т освои сребрен медал, а од Полската асоцијација на иноватори доби златна статуетка.

Познат е и иновативниот патент на професорот Рашковски за спроведување на пописот „Систем и уреди за попис на население“, кој претставува интегрирано хардверско-софтверско решение коешто е структурирано на самостојна робусна хардверска единица која е отпорна на надворешни влијанија и е наменета за поставување на јавни места.