Македонија доби Премиер од Струмица

01 Јуни 2017

Поранешниот градоначалник на Струмица, Зоран Заев, вечерва пред полноќ е избран за претседател на новата Влада на Република Македонија, заедно со неговиот кабинет од министри.

Кој е Зоран Заев, новиот премиер?

Роден е на 8 октомври 1974 година во Струмица. Оженет со Зорица Заева со која има две деца, Александра и Душко. Дипломирал на Економскиот факултет – Скопје во 1997 година. Член е на СДСМ од 1996 година, и оттогаш активно учествува во сите изборни циклуси.

Во два мандати е избран за член на претседателството на ОО на СДСМ Струмица. На парламентарните избори во 2006 година е назначен за шеф на Регионалниот изборен штаб за 4. Изборна единица. Во 2006 година е избран за потпретседател на СДСМ, а оваа функција ја врши до 2008 година кога е избран за в.д. претседател на СДСМ. На 9-от Конгрес на партијата повторно е избран за потпретседател на Централниот одбор на СДСМ. На 9-от Конгрес на партијата е избран за нејзин претседател.

На 14. конгрес на СДСМ, кој се одржа на 2 јуни 2013, Зоран Заев беше избран за претседател на партијата која ја води оттогаш наваму. А реизбран е неколку пати меѓу кои последен пат пред неколку дена. Политичката кариера ја започнува во 2003 година како пратеник во Собранието на Република Македонија. На локалните избори во 2005 година за прв пат е избран за градоначалник на Општина Струмица. На истата функција е реизбран и на локалните избори во 2009 и 2013 година.

Добитник е на наградата за најдобри практики од Советот на Европа за првото јавно-приватно партнерство во Република Македонија, имплементирано во изградба на објектот ТЦ „Глобал”. Општина Струмица под негово водство е добитник на највисоко државно признание во областа на екологијата (2007-2008 година).

Во периодот кога тој преговараше за составот на новата Влада, Вест.мк го праша Заев каде ќе живее, дали на релација Скопје - Струмица, во премиерската вила со семејството, или пак, има некој трет план.

„Планирам да живеам на релација Скопје - Струмица. Два пати неделно се враќам дома. Децата веќе таму си учат, таму им е друштвото, па решивме со сопругата тие да си останат во Струмица. Сопругата ќе доаѓа со мене во Скопје само кога ќе има некои важни настани. Ќе преспивам во премиерската вила. Во Струмица живеам со мајка ми и татко ми, па тие ќе ни помагаат околу децата како и досега“ - рече Заев за Вест.мк.