Матурантите одиграа „квадрил“ на плоштадот во Струмица

19 Мај 2017

Традиционалната манифестација „Матурска парада 2017“ се одржа денеска напладне на плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица, а струмичките матуранти точно напладне, заедно со своите врсници од неколку градови од земјава и од Европа, го одиграа танцот „квадрил“ на звуците на Штраусовата опера „Лилјакот“.

„Матурската парада“ ја отвори градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, а присуствуваа и претседателот на Советот, Јосиф Христов и пратеничката Катерина Кузмановска.

На годинашната „Матурска парада” во Струмица учествуваа повеќе од 500 ученици од трите средни училишта во Струмица. Во исто време со матурантите од Македонија „квадрил“ танцуваа матуранти од 120 градови во 15 држави од централна и југоисточна Европа.

Пред започнувањето на танцот „квадрил“, матурантите положија заклетва за ненасилство и толеранција.

Покровител на годинешнава „Матурска парада“ е општина Струмица, а поддржувач на оваа традиционална манифестација е Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија.

ФОТОГАЛЕРИЈА