Први награди и златни медали за младите пијанистки Ана и Ивана Мазнејкови во Унгарија

18 Мај 2017

Ученичките од ОМУ „Боро Џони“ во Струмица, Ана Мазнејкова, првоодделенка во класата на професор Ленче Мазнејкова и Ивана Мазнејкова, петтоодделенка во класата на професор Зоран Мазнејков, учествуваа на Меѓународен натпревар по пијано во Унгарија и освоија Први награди и златни медали во своите категории.

На натпреварот имаше учесници од Полска, Австрија, Унгарија, Италија, Русија, Грузија и од други европски држави. Претседател на жирито беше истакнатиот руски пијанист Рустам Шаихутдинов. По завршувањето​ на натпреварот нашите пијанистки беа поканети да настапат на завршниот концерт каде нивните изведби беа почестени со големи овации од страна на публиката и организаторите на натпреварот.

На концертот Ана и Ивана добија покани да настапат во Тбилиси, Грузија, Виена, Австрија и Прага, Чешка Република како исклучителни млади пијанисти.

Во оваа учебна година освен овој успех ученичките од струмичкото музичко училиште постигнаа и низа други значајни резултати.

Ана Мазнејкова освои Прва награда и златен медал во Салцбург, Австрија, Прва награда во Белград, Србија, Втора награда во Тревизо, Италија, Специјална Прва награда во Скопје, Македонија, Специјални први награди на општинскиот и регионалниот натпревар во Струмица и Штип.

Кон овие награди вреди да се додадат и Првите награди од Лондон, Софија, Париз, Милано, Гевгелија... Оваа учебна година Ана беше учесник на осум училишни концерти од вкупно 36 настапи. Ивана Мазнејкова годинава оствари настапи на девет училишни концерти, од вкупно 85 настапи. Покрај Унгарија освои Прва награда во Шабац, Србија, Специјална Прва награда во Скопје, Прва награда во Салцбург, Австрија. Кон овие награди на Ивана може да ги додадеме првите и апсолутните награди во Милано, Гориција, Бари, Тревизо, Париз, Белград, Софија, Рига, Минхен, Приштина, Велење, Брно, Битола, Скопје, Гевгелија... вкупно 30 награди.