Фудбалски натпревар со висок ризик: Кој посакува инциденти на денешното финале меѓу Шкендија и Пелистер?

17 Мај 2017

Граѓани од повеќе градови низ Македонија деновиве интензивно се организираат за да присуствуваат на фудбалскиот натпревар во македонскиот КУП меѓу тетовска Шкендија и битолски Пелистер, што треба да се оддржи денеска во Струмица со почеток во 17 часот - пишува „Фокус“.

Според „Фокус“, дел од нив се подготвуваат да им се придружат на битолските навивачи на Пелистер во вербална, но и физичка пресметка со навивачите на тетовскиот фудбалски клуб Шкендија, што, доколку се случи, ќе предизвика насилни инциденти од меѓуетничка природа.

„Фокус“ тврди дека некои од нив планираат да присуствуваат на трибините и за време на натпреварот да презентираат транспаренти со навредлива содржина кон Албанците, па дури и да запалат албанско знаме, додека други треба да бидат во близина на стадионот за да се вклучат во евентуална пресметка со албанските навивачи – Балисти.

Од Фудбалската Федерација на Македонија, која е организатор на натпреварот, пак, велат дека овој натпревар е прогласен за натпревар со висок ризик, поради што, објаснуваат од таму, се преземаат соодветни мерки согласно ваквата проценка.

„Комисијата за безбедност во рамки на ФФМ делува заеднички со МВР во вакви натпревари, на кои се преземаат посебни мерки, од тоа колку навивачи ќе присуствуваат, на каков начин ќе бидат спроведени, како ќе се изврши претрес итн“ – изјавиле за „Фокус“ од ФФМ, додавајќи дека предвидено е да присуствуваат по 300 навивачи на двата фудбалски клуба.