Утре во Струмица фудбалски празник

16 Мај 2017

Утре на стадионот „Младост“ во Струмица ќе се одигра еден од најважните натпревари сезонава во македонскиот фудбал. Шкендија или Пелистер, една од двете екипи ќе биде победник во јубилејното 25-то финале на Купот на Македонија.

И за тетовци и за битолчани ова ќе биде четврто финале и двете екипи го имаат освоено Купот по еднаш. Во 2016 година Шкендија славеше против Работнички со 2:0, а Пелистер се радуваше пред 16 години кога ја победи Слога Југомагнат со 1:0. Струмичани очекуваат спектакл. Кога играат двете екипи, кога еден против друг играат Хасани, Ибраими, Илијоски, Лукас... уживањето е загарантирано. 

„Сите знаеме на кое ниво беше Пелистер минатата сезона, но со новото раководство сигнавме до финале во купот, а остваруваме добри резултати и во првенството. Овој меч битолчани го чекаат 16 години и се надевам дека јас и Гоце Тодоровски повторно ќе го подигнеме пехарот како што тоа го стори Митко Стојковски пред 16 години“ - рече на денешната прес конференција во Струмица, Горан Пашовски, фудбалер и капитен на Пелистер.

„Сакам да победи подобриот, а секако ќе си подадеме рака. И секако апел до навивачите, нека биде ова претстава за паметење во убав амбиент. Јас играв фудбал со капитенот на Пелистер, Горан Пашовски и повторно ќе бидеме заедно, пријателски, без разлика кој ќе победи. Секако утре ќе бидеме ривали, но потоа остануваме пријатели. Јас се надевам дека ќе успееме да ја одбраниме ланската титула“ - рече Ерхан Селими, тренерот на Шкендија.

Мотивите се големи и кај едните и другите, Фудбалската федерација на Македонија е горда што утре од 17:00 часот по 25-ти пат ќе организира ваков голем натпревар, фер, коректно, спектакуларно финале, сите тоа го посакуваме.