„Матурска парада 2017“, матурантите во петок ќе танцуваат квадрил

16 Мај 2017

На плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица, во петок напладне ќе се одржи „Матурска парада“, кога матурантите од струмичките средни училишта, со матурантите со уште неколку градови од Македонија и од стотина градови од десеттина Европски држави, се собираат на заедничо танцување квадрил.

И годинава матурантите ќе ја започнат манифестацијата со кажување на изјавата за ненасилство, по што ќе следи директно вклучување на Радио Словенија од каде ќе се преземе музиката од Штраусовата опера „Лилјакот“, Танцот на матурантите напладне.

Матурската парада за прв пат се одржала во Љубљана во 2001 година од страна на идејниот творец Томаж Амброж од Танцовата школа „Уршка“ од Љубљана, а Македонија веќе десетта година е составен дел од меѓународната матурска лепеза. Нашата држава за прв пат се вклучила во Матурската парада во 2007 година кога во неа учествувале матуранти само од Скопје и Охрид, а веќе во следната 2008 година се вклучува и Струмица.

Осумте минути „квадрил“ се осум минути танцување по музиката на неповторливиот Јохан Штраус. Но овој танц има поголема димензија, бидејќи струмичките матуранти истовремено танцуваа со нивните врсници од десеттина земји од Централна и Југоисточна Европа и од македонските градови, Скопје, Гевгелија, Струга и Охрид.