Гран При за струмичанката Магдалена Мафкова на „Вешта жена“ во Лешок

15 Мај 2017

Познатата „вешта жена“ од Струмица, Магдалена Мафкова, ја освои Гран При наградата на годинашната Републичка манифестација „Вешта жена“, која викендот се одржа во манастирскиот комплекс во Лешок.

Магдалена Мафкова веедно ја прими и наградата Сребрен медал за 12 години учество на изборот за „Вешта жена“.

Од струмичанките кои учествуваа на оваа манифестација, Виолета Митревска и Ѓурѓа Ѓоргиева поединечно ја освоија наградата за вкус на главно јадење, а Ѓоргиева, исто како и Мафкова го доби Сребрениот медал за 12 години учество на изборот за „Вешта жена“.

На годинешното 25-то издание на Републичката манифестација „Вешта жена“ своите кулинарски вештини ги одмерија победничките на општинските натпревари од 15 градови во Македонија.

Емилија Стеванџиевска од Битола ја понесе титулата „Вешта жена на Македонија“ за 2017 година.

За најголемиот број од учесничките манифестацијата има помалку натпреварувачки карактер, а повеќе е дружење. Од година во година Изборот на вешта жена добива размери на професионален натпревар затоа што натпреварувачките се повеќе го креваат критериумот со својата умешност, креативност и мајсторство. Од годинава на вештите жени од Македонија и на највештата жена од Швајцарија им се приклучи и највештата жена од Србија.