Утре премиерно „Второто пришествие“ на Струмичкиот народен театар

21 Април 2017

„Второто пришествие“ е насловото на претставата чија премиерна изведба ќе се случи утре, (сабота, 22 април), во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица.

Станува збор за футуристичка трагикомедија, фарса, гротеска, сатира, во која се вметнати цитати на Мрожек, Вапцаров, Рацин и на Светото писмо што како драматург и режисер ја потпишува Васил Михаил, а во која играат актерите Ангелина Тренчева Ангелова, Оливера Аризанова и Игор Тодоров.

„Ова е пред се необична претстава, интересен чин за нашиот театар, но и за театарот во Македонија воопшто“ - рече режисерот Васил Михаил на прес конференцијата пред големата премиера на „Второто пришествие“.

Според директорот на Струмичкиот театар, Драган Маџиров, претставата е подготвувана речиси шест месеци.

„Она што импонира е што во нејзината реализација се вклучени струмички уметници. Уметникот Никола Пијанманов ја направи сценографијата, а музичарот Горан Алиќ ја подготви музичката подлога за претставата. Костимографијата е една од најдобрите во својата бранша, Елена Дончева“ - рече Маџиров.

Претставата „Второто пришествие“ утре во НУЦК „Антон Панов“ ќе биде премиерно во 20:00 часот, а во недела е уште една изведба, исто така во 20:00 часот. Влезницата чини 150 денари.