Струмичката гимназија го чествува својот патрон

21 Април 2017

Учениците и вработените во Средното општинско училиште „Јане Сандански“ во Струмица, денеска одбележаа две значајни годишнини – 145 години од раѓањето и 102 години од смртта на патронот Јане Сандански.

По тој повод, претпладне пред бистата на патронот во дворот на училиштето, претставници на СОУ „Јане Сандански“, градоначалникот на Струмица и претседателот на Советот, Костадин Костадинов и Јосиф Христов, претставници на Одделението за образование и претставници на Општинскиот одбор на борците од Струмица, положија свежо цвеќе.

За Сандански говореше директорката на училиштето, Вања Изова Велева, потенцирајќи дека Јане Сандански зад себе остави патека низ која треба да изврват сите оние кои во себе ја растат и чуват идејата да се биде свој на своето.

„Денес кога одбележуваме 145 години од неговото раѓање и 102 години од смртта, останува да се потсетиме на вредностите и големината на неговото име. Останува да го износиме аманетот што ни го остави. Горди што го носиме неговото име, ја продолжуваме традицијата на успеси, барајќи и наоѓајќи свое место во општеството“ - рече директорката Вања Изова Велева.

Во своето обраќање таа истакна дека секоја година СОУ „Јане Сандански“ низ успесите што ги постигнува на сите полиња, потврдува дека со гордост го носи и негува епитетот на успешно училиште, каде продуцира квалитетни кадри подготвени за соочување со новите предизвици.

„Ако нашиот патрон беше борец за слобода, ние остануваме продолжувачи на неговата мисла, идеја, но во правец на една нова револуција, револуција за квалитет и успех“ - додаде Изова Велева.

На утрешниот ден, на 145-годишнината од раѓањето на Јане Сандански, професорите во дворот на училиштето ќе засадат цвеќиња.

ФОТОГАЛЕРИЈА