Ќе се гради локален пат од Куклиш до Градско Балдовци

20 Април 2017

Ќе се гради локален пат од селото Куклиш до селото Градско Балдовци. Договорот за изведба на овој пат, во Бирото за регионален развој го потпиша градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов.

Како што информираше Костадинов, општина Струмица аплицираше по јавниот повик за предлог проекти за развој на подрачјата со специфични развојни потреби за 2017 година, а во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој. Успешно изработениот предлог проект на општинската администрација беше прифатен и од реализацијата на истиот големи придобивки ќе имаат жителите и од двете населени места.

„Согласно опстојувањето во заложбите за отчетност и транспарентност, кои беа и останаа обележја во работењето на општина Струмица, сакам да ги информирам граѓаните од нашата општина за уште еден успех на општинската администрација, кој е во функција на подобрување на квалитетот на нивното живеење. Имено, вчера во Скопје, јас како вршител на должноста градоначалник на општина Струмица во Бирото за регионален развој го ставив својот потпис на Договорот за реализација на проектот за „Изведба на локален пат, село Куклиш – село Градско Балдовци“. Носител на овој исклучително значаен проект е општина Струмица, а со истиот нашата Општина аплицираше на Јавниот повик за предлог проекти за развој на подрачјата со специфични развојни потреби и развој на селата, за 2017 година. За реализација на овој проект, Општина Струмица од својот буџет обезбедува 2.221.137 денари, а исто толкав износ на финансиски средства, обезбедуваме од Бирото за регионален развој. Бенефитите од изградбата на овој локален пат ќе бидат од непроценливо значење за граѓаните на Куклиш и Градско Балдовци, но и за сите други граѓани од општина Струмица. Овој проект на вработените во Секторот за локален економски развој, заштита на животната средина и меѓународна соработка при општина Струмица, е само уште една потврда за континуираноста во инвентивното и професионално работење, кое секогаш резултира со квалитетни и издржани проекти, што гарантираат прогрес на општина Струмица и подобар живот на нејзините граѓани. Со задоволство можеме да констатираме, дека општината овде нема да застане, туку и во наредниот период ќе изработува и реализира проекти од исклучително значење на целата наша општина Струмица“ - изјави Костадинов.