Комедијата „Малиот гангстер“ се прикажува во Центарот за култура во Струмица

20 Април 2017

Урнебесна детска комедија синхронизирана на македонски јазик, филмот „Малиот гангстер“, денеска и во вторник се прикажува во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица.

Станува збор за детскиот холандски филм, еден од најдобрите холандски семејни филмови во последните години. Победник на најголемите филмски фестивали за деца во светот – „Синекид“, „Џифони“, „Оулу“, фален од жирито и од публиката. Комедија со шмек на американските гангстерски филмови - духовита ода за училишните згоди и незгоди. Филм наменет за најмладата публика од 8 до 14 години и сите што сакаат одлична комедија.

Филмот е дел од поголем меѓународен проект што се случува во Македонија, Албанија и во Хрватска и покажува нови форми на кинодистрибуција.

Проектот во кој филмот „Малиот гангстер“ е синхронизиран на три јазика е финансиран од МЕДИА програмата „Креативна Европа“. Иницијатор на проектот „Катавеј онлајн и офлајн: Нови дигитални форми за филмска дистрибуција на Балканот“ е Дејан Трајкоски од дистрибутерската куќа „Катавеј“ од Скопје. Со помош, пак, на онлајн-платформата „Cinesquare.net“, која започне со работа денеска.

Во вторник (25 април), филмот „Малиот гангстер“ ќе се прикажува во 11:00 часот во големата сала на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица, а влезницата чини 50 денари.