Наташа Василевска Трајчевска ја промовира „Тихување на сончогледите“

20 Април 2017

Синоќа во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица, струмичанката Наташа Василевска Трајчевска, член на Друштвото на писатели на Македонија, ја промовираше својата трета книга поезија „Тихување на сончогледите“ во издание на „Макавеј“.

Во „Тихување на сончогледите“, Наташа својот поетски исказ му го потчинува на божественото во човекот, а во триесеттината песни како автохтоно поетско кредо ја присвојува молитвата.

Книгата на Наташа Василевска Трајчевска „Тихување на сончогледите“ ја промовираа Архимандрит отец Јаков, игумен на Манастирот „Свети Ѓорги“ во Ново Село и литературниот критичар Ацо Гогов, а стихови од книгата читаа Сузана Мицева и Мариета Дукиќ.

Наташа Василевска Трајчевска е родена 1979 година во Струмица, по завршувањето на средното образование во Струмичката гимназија продолжува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде дипломирала, а магистрирала на Институтот за македонска книжевност во Скопје.

Автор е на збирката поезија „Неоткриена земја“ (1997 година, СОУ „Јане Сандански“), „Коприва“ (2008, Матица Македонска - Панили), необјавената монодрама „Зад решетките“ и научниот труд „Празнување на Проштени поклади (Прочка) во Струмица и струмичко“ (2013 Матица Македонска). Добитник е на повеќе награди од областа на литературата. Дел од нејзината поезија е преведена на бугарски и полски јазик.

ФОТОГАЛЕРИЈА