Христос Воскресна! Честит Велигден!

16 Април 2017

Православните и католичките верници од Струмица го започнаа славењето на Христовото воскресение, најголемиот и најрадосниот празник, кој според христијанското учење ја симболизира победата на животот над смртта.

На полноќ, во Струмица, веста за Христовото воскресение ја објавија свештениците на богослужби што се одржаа во црквите „Св. Григориј Палама и Димитриј“ на Македонската Православна Црква и во Католичката Катедрала „Успение на Пресвета Богородица“.

Христовото воскресение верниците го дочекаа со запалени свеќи во рацете, со молитви за здравје и благосостојба, со кршење со велигденски јајца и со традиционалниот поздрав Христос воскресна - Навистина воскресна.

Празникот на Христовото воскресение - Велигден е празник на љубовта и мирот, триумф на животот над смртта, на доброто над злото и ден кога Исус Христос воскреснал од мртвите по неговата смрт со распнување и ја докажал божествената моќ.

Велигден е главен Христијански празник, прв и најстар од сите христијански празници, основа на христијанската црковна година.

За Велигден се вапцуваат црвени јајца кои Христијаните меѓусебно си ги подаруваат честитајќи си го празникот. Црвената боја е симбол на радоста, а јајцето симбол на животот. Како што од јајцето се раѓа живот, така Исус воскресна од гробот.

На Велигден Христијаните се поздравуваат со зборовите: „Христос Воскресна – Навистина Воскресна“.

Вечерва, за разлика од други години наназад, беше забележливо присуството на полицијата на улиците кои водат до храмовите и околу нив.

ФОТОГАЛЕРИЈА >>> од Православната Црква „Св. Григориј Палама и Димитриј“

ФОТОГАЛЕРИЈА >>> од Католичката Црква „Успение на Пресвета Богородица“