Поради трагичната смрт на фудбалерот Лазаревски одложен натпреварот Академија Пандев - Вардар

15 Април 2017

Поради трагичната смрт на младиот фудбалер од ФК „Академија Пандев“ Филип Лазаревски, денешниот натпревар од 21-то коло во Втората македонска фудбалска лига помеѓу ФК „Академија Пандев“ и ФК „Вардар“ од Неготино е одложен. Истиот ќе се одигра на 18-ти април (вторник) со почеток во 16:00 часот на стадионот „Кукуш“ во Турново.

Филип Лазаревски, млад фудбалски талент, роден на 19 март 2002 година, член на ФК „Академија Пандев“ од Струмица, репрезентативец на Македонија до 15 години и член на ФФМ - УЕФА фудбалската академија, загина вчера околу 03:00 часот на патот Габрово - Банско, кој заедно со уште едно лице се движеле на моторцикл, но од засега непознати причини излетале од патот и починале на самото место.

Посмртните останки на Филип ќе бидат погребани денеска во 16:00 часот на гробиштата во селото Бориево.