Стручните служби во Струмичките училишта достапни и попладне

20 Март 2017

Поаѓајќи од потребите на заедницата во делот на образованието, деновиве градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов, одржа работен состанок со директорите на основните и средните општински училишта, а на кој присуствуваа и претставници од општинското Одделение за образование и овластениот просветен инспектор.  

На состанокот беше дадена препорака до директорите на училиштата во кои воспитно-образовниот процес се одвива во две смени, еден од вработените во стручните служби на училиштата, педагог, психолог или заменик директор, да остварува дел од своите работни задачи и во попладневната смена. Целта на оваа препорака е подобрување на квалитетот на работата во училиштата, но и целодневна достапност за родителите - информираат од општината.

Од страна на директорите, препораката била прифатена и таа ќе се реализира како позитивна промена во работата на училиштата, а во интерес на граѓаните на општина Струмица.