Горан Пандев ги сака во Скопје - Манчестер, Барселона, Јувентус

20 Март 2017

Најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев и официјално денеска е претставен како амбасадор на УЕФА Суперкупот „Скопје 2017“, кој на 8 август ќе се одржи на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје. Таму ќе се одигра големиот фудбалски настан – Супер Купот на УЕФА, натпревар во кој ќе се соочат најдобрите две екипи во Европа, победникот од Лигата на Шампионите и Европската лига.

„Мене, а и на сите во Македонија ни е чест и задоволство што еден од најголемите наши фудбалски амбасадори на сите времиња ќе биде заштитно лице на УЕФА Супер Купот. Официјално го претставувам Горан Пандев за амбасадор на Супер Купот – Скопје 2017. Горан 2010 година со Интер игравте Супер Куп финале, сите ние навивавме за тебе и очекувавме дека ќе подигнеш трофејот во Монако, не успеавте со Интер, но сега улогата е многу поблагодарна... ти честитам што дома, во Македонија ќе го подигнеш големиот трофеј и ќе ја промовираш Супер Купот и нашата Македонија како домаќин на настанот“ - рече на денешната прс конференција претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.

Струмичанецот Горан Пандев истакна дека е голема честа која Фудбалската федерација му да укажува и дека ќе стори се за подобра промоција на настанот кој го организираме во Скопје.

„Благодарност за укажаната доверба. Ќе ми биде голема чест како Македонец да бидам амбасадор на УЕФА Суперкупот 2017. Знаеме дека ќе играат двата тима победници од Лигата на шампионите и Лигата на Европа и ќе биде големо уживање да ги гледаме во Скопје“ - истакна најдобриот македонски фудбалер.

„Јас лично би сакал во Скопје да гледаме натпревар меѓу Манчестер Јунајтед, како победник на Лигата на Европа и некоја од екипите кои сега ја сочинуваат четврфтиналната двојка Барселона – Јувентус“ - рече Пандев.

„Како и да е, знам дека ќе бидеме добри домаќини за секоја екипа која и да дојде. На моите пријатели од Јувентус и нивните навивачи, ако бидат тие победниците во ЛШ ќе им порачам дека Македонија е прекрасна земја во која ги чека топло добредојде“ - додаде Пандев.

Амбасадорот на УЕФА Суперкупот „Скопје 2017“, Горан Пандев прв имаше можност да мине еден вид своевиден „почесен круг“ со трофејот од Суперкупот низ „Телеком Арената“.

По промоцијата на својата нова „амбасадорска позиција“, Горан Пандев од нашиот најголем стадион ја стартуваше турнеjата на трофејот од Суперкупот кој наредниот период ќе биде презентиран и во повеќе македонски градови.