Продолжија протестите „За заедничка Македонија“ во Струмица

18 Март 2017

И синоќа повторно од плоштадот пред споменикот на Гоце Делчев низ улиците на Струмица голем број граѓани го изразуваат своето незадоволство од, како што велат, надворешните кројачи на судбината на македонскиот народ.

Пред струмичани, меѓу другите говореше и Виолета Ачкова - историчар, повикувајќи ги струмичани на одбрана од уништување на својата земја.

„Некогаш војводите ги убивале и продавале за еден или два гроша, како што би рекол нашиот прекрасен Петар Темелковски, на еден пазар во Серес еден вол вредел два гроша, па толку вредел и Јане Сандански да го предадат предавниците, изродите на македонскиот народ. Колку вреди да се продаде име, идентитет, знаме, химна, сето она што ги прави сите атрибути на нашата државност, нешто за кое гинеле нашите претци. Тоа не е само расправа за нас историчарите, расправа која треба да ја водиме на некакви празни дебати. Тоа е прашање на опстојување на нашиот народ и прашање на опстојување на нашата држава“ - рече Ачкова.

Иницијаторите велат дека ова е граѓанска иницијатива за заедничка Македонија без партии и партиски обележја и овде важат само црвената и жолтата боја.