Наскоро првиот роман на струмичанката Марија Спасова „Магијата на Атафу“

17 Март 2017

„Магијата на Атафу“ е насловот на првиот роман на младата талентирана 17-годишна струмичанка Марија Спасова. Промоцијата е закажана за 28 Март во големата сала на Домот на АРМ во Струмица со почеток во 18 часот.

Во романот „Магијата на Атафу“, главен лик е Лејла Нeр, тинејџерка од Даблин која го бара максимумот од животот. Без размислување тргнува во тримесечна авантура на далечниот остров Атафу, каде треба да работи како куќна помошничка во богатиот замок Луиза.

Со првиот направен чекор на живописниот остров, монотониот живот на младата дама добива нова насока. Синооката Англичанка со својот шармантен акцент и убавина ја добива наклонетоста на повеќе припадници од посилниот пол, но најсуровата битка за нејзино освојување ќе ја одиграат синовите на господин Карло Ипфел.

Нејзината безвременска убавина не е единственото нешто по што ќе биде запомнета. Нејзиното присуство во средновековниот замок предизвикува необјасливи промени и појави oд кои ќе бидат засегнати сите. Во темелите на замокот е длабоко вкопана стара тајна, која после многу години, бунтовно се бори да исплива на површината. Критичноста и сомнежите на Лејла околу забраната за качување на третиот кат беа оправдани, но дали тоа таа навреме ќе го сфати?

Инаку, Марија е родена на 4 октомври 1999 година во Струмица. Основно образование стекнува во ОOУ „Маршал Тито“. Своето средно образование го продолжува како ученик во здравствената струка во СОУУД „Димитар Влахов“ во Струмица.

Таа започнува да твори уште од својата 12-та година, а како активен член на Домот за деца и млади „Благој Мучето“ во Струмица, претпознатлиева е по својот радиофоничен глас како водител на јавни настани за одбележување на значајни историски датуми во градот Струмица. Активен член е на повеќе организации и има земено учество во неколку меѓународни проекти и обуки.

Учествувајќи на повеќе државни натпревари и литературни конкурси има стекнато многу признанија, дипломи и пофалници.