Во Центарот за култура во Струмица се одржа Омаж за писателот Киро Донев

16 Март 2017

Денеска во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, во рамките на мини Саемот на книгата на издавачката куќа „Македоника литера“, а по повод 50 години од објавувањето на првата книга на струмичанецот Киро Донев, се одржа книжевен портрет на овој истакнат македонски писател за деца.

За неговото творештво говореа Ана Витанова Рингачева, Горјан Петревски, Ацо Гогов, Ѓорѓи Калајџиев и Сузана Мицева.

Киро Донев (роден 1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на четириесетина книги за деца, пред сè прозни дела: романи, раскази, гатанки, повести, пиески и сликовници. Тој е еден од најпопуларните и најчитаните македонски автори за децата од помала возраст.

Добитник е и на неколку високи книжевни награди во Република Македонија. Негови дела се преведени на десеттина јазици. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. „Македоника литера“ досега објави седум книги за деца на Киро Донев, а во подготовка е и осмата книга – поезија за деца со наслов „Било и се скрило“.