Прво место за учениците од СОУ „Никола Карев“ во проектот „Прва светска војна и млади - мир и помирување“

16 Март 2017

Ученици од СОУ „Никола Карев“ од Струмица на вчерашната завршна сесија од проектот „Прва светска војна и млади - мир и помирување“, во организација на АЛДА од Скопје, а потпомогната од Британската амбасада во Македонија, го освоија првото место со својот проект „Дневник на млад војник“, презентирајќи го пред учесниците и публиката.

Станува збор за проект кој вклучува ученици од Струмица, Битола, Скопје, Богданци, Дојран и Тетово, кои преку посети на терен и интерактивни предавања во Дојран и Битола ги продлабочија своите познавања за овој период од историјата на Македонија. По завршувањето на работилниците, учениците изработуваа лични проекти инспирирани од темата.

Проектот „Прва светска војна и млади – мир и помирување“ има за цел да придонесе кон спречување на конфликтите преку активности за покренување на свеста во средните училишта за геополитичкиот контекст на Првата светска војна, придонесот на Британија во битките во Македонија за време на Првата светска војна и лекциите научени од овој конфликт во прилог на мир и помирување помеѓу нациите.