ЈО отвори истрага за злоупотреба во Општина Струмица, од таму со реакција: лага е дека се асфалтира една иста улица

14 Март 2017

Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Отвори истражна постапка против висок функционер на општина Струмица поради основано сомнение дека сторил кривично дело “Злоупотреба на службената положба“.

Според соопштението од Обвинителството, осомничениот во 2010 година со исто правно лице од Струмица склучил четири посебни Договори со вкупна вредност од над еден милион денари за асфалтирање на една иста улица во населено место во општина Струмица.

Од Општина Струмица со реакција:

„Лага е дека за асфалтирање на една иста улица во општина Струмица биле распишани четири посебни договори, поради што Јавното обвинителство под раководство на Марко Зврлевски, придружник по балови на Сашо Мијалов одлучило да спроведе истражна постапка за висок функционер во општина Струмица - рече на денешната прес конференција секретарот на општината, Кирил Парталов.

„Не е точно дека се работи за една улица туку се работи за четири посебни улици. Еве ги улиците, јасно се гледа, се работи за четири улици. Улиците дури и не се наоѓаат во непосредна близина. За нив е извршена посебна проценка при што е утврдена поединечна вредност за секоја улица и нивната вредност поеднинечно не надминува 5.000 евра.

Врз основа на пресметките за секоја улица посебно, е изготвен Годишен план за јавните набавки, при што согласно проценетата вредност, а и согласно Законот за јавни набавки е предвидена постапка со барање за прибирање понуди.

Согласно Законот за јавни набавки, член 100, договорниот орган, во случајот општина Струмица, законски спровела четири постапки, бидејќи се работи за четири различни улици и тоа постапки со Барање за прибирање на понуди без објавување на оглас за секоја улица поединечно. Тоа законот така го пропишал“ - изјави Парталов, потенцираќи дека целокупната документација на општина Струмица е јавна и транспарентна, општината така работи и така ќе продолжи да работи.