Кметот на Петрич на средба со Струмичкиот градоначалник

13 Март 2017

Градоначалникот на општина Петрич, Бугарија, Димитар Брчков, во придружба на своите најблиски соработници, денеска беа во посета на општина Струмица, каде имаа средба со градоначалникот Костадин Костадинов.

Станува збор за возвратна посета на која двете општини, претходно се договараа за заедничка соработка во областа на економијата, културата, туризмот, образованието, спортот и други сегменти за кои ќе се појави заеднички интерес или потреба, а денеска двајцата градоначалници, Костадинов и Брчков потпишаа Меморандум за меѓусебно разбирање и соработка, водени од принципите на доверба, заедничко разбирање и соработка.

„Тие средби имат за цел изнаоѓање на решенија и форма за меѓусебна соработка таква каква што доликува на овие две мошне блиски соседни општини. Во изминатите години постоеше конкретна соработка во делот на реализација на меѓугранични проекти, нормално со финансирање од фондовите на Европската унија, но ние одиме чекор напред кон продлабочување на таа соработка и правиме напори се со цел да постигнеме некаква соработка за доброто на сите граѓани на општина Струмица и на граѓаните на општина Петрич. Како плод на тие напори е и документот што денес го потпишавме со колегата Брчков, а е од суштинско значење за граѓаните и на општина Струмица и за граѓаните општина Петрич. Јас искрено се надевам дека нашите потписи на овој документ ќе бидат во функција на граѓаните, секако и функција за развој на двете општини, но и за зацврстување на добро пријателските односи меѓу Струмица и Петрич“ - истакна струмичкиот градоначалник, Костадинов.

И за градоначалникот на општина Петрич, потпишувањето на Меморандумот има големо значење за двете општини.

„Потпишувањето на денешниот Меморандум е од исклучително административно значење за двете општини за нова идна соработка. Општина Петрич во најголем степен ќе ја искористи можноста за предлагање на идеи и проекти кои што заедно ќе ги реализираме. Тоа ќе ни овозможи искористување на средства од европските фондови за да можеме да ги развиваме нашите проекти кои и досега успешно се реализираа“ - рече градоначалникот на Петрич, Брчков.

На потпишувањето на Меморандумот во кабинетот на градоначалникот, присуствуваа и претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов, Кирил Парталов, секретар на општината и Никола Годев раководител на Секторот за локален економски развој.

Домаќините и гостите од Петрич попладнево ги посетија Манастирот „Св. Леонтиј“ во Водоча и римската терма во Банско.