Струмица е жртва на конфликтот на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

13 Март 2017

Струмица со години не добива никаква поддршка од државата за крупни проекти зашто постојано локалната и централната власт се во конфликт како спротивни политички опции, смета поранешниот пратеник Зоран Витанов.

Во шестото издание од ТВ серијалот „Пратеник од доверба“, тој тврди дека градот е жртва на, како што вели, инфантилна политика и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.

Локалните стопанственици се незадоволни што патот до границата со Бугарија е во очајна состојба, а безуспешно бараат и железничко поврзување. Економските аналитичари оценуваат и дека термалните води во неколку села се неискористен потенцијал за развој.

А, Струмица има да се пофали со карневалот кој израсна во бренд за промоција и на државата. Познатиот фудбалски интернационалец Горан Пандев инвестира 5 милиони евра во модерен спортски центар со сите услови за создавање нови фудбалски асови. Овие две успешни приказни ги спојува една работа – немаат никаква поддршка од државата и особено од пратениците од Струмица.

„Ниеден од пратениците не покажал интерес за тоа што го правиме, а кога ние сме иницирале средба, сè завршило на обичен разговор“, вели Југослав Тренчовски од Академија Пандев.

Новинарката Катерина Давчева е оптимистка дека оваа практика целосно ќе се смени со последните избори. „Граѓаните се охрабрени со социјалните мрежи и често изнесуваат критики од кои пратениците не можат да избегаат“, вели таа.

ТВ серијалот „Пратеник од доверба“ е составен од прилози, снимени во шест града, од шесте изборни единици, Тетово, Куманово, Штип, Битола, Струмица и Охрид, со различни профили на соговорници, поранешни пратеници, граѓански активисти и јавни личности од културниот и спортскиот живот и има за цел да ја едуцира јавноста за значењето на функцијата пратеник и да се обезбеди подобра врска меѓу граѓаните и законодавниот дом и со тоа да се подобри квалитетот на претставничката демократија во Македонија.

Превземено од порталот „Сакам да кажам“ >>>