Иконата на Богородица Брзопослушница сплоти народ во Струмица

12 Март 2017

Копија од чудотворната икона на Богородица Брзопослушница, пред која проговори 18-годишно немо момче од Струмица, во почетокот на декември минатата година во манастирот „Дохијар“ на Света Гора, денеска пристигна во Струмица.

Во чест на големиот настан од страна на Струмичката епархија, на плоштадот „Гоце Делчев“ беше организиран голем побожен пречек на кој присуствуваа неколку илјади верници од целата држава, но имаше и од соседните Бугарија и Грција.

На литијата, на која беа и владиците, монаштвото и свештениците на неколку Православни епархии во Македонија, заедно со надлежниот архиереј, Високопреосветениот Митрополит Струмички г. Наум Струмички и Високопреосвештениот Митрополит г. Тимотеј Дебарско-кичевски, присуствуваше и грчкиот свештеник од манастирот на Света Гора, отец Филотеј, кој го предводеше патувањето на иконата Богородица Брзопослушница од Света Гора, Грција, до Струмица, Македонија, односно до манастирот „Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“.

По обраќањето на митрополитот Тимотеј и отец Филотеј, „Богородица Брзопослушница“ низ улиците на Струмица, послани со цвеќиња и зелени листови, а зад неа голем број верници, се упати кон вечното седиште, во манастирот „Свети Петнаесет“, носена од рацете на неколкумината струмичани кои ја донесоа иконата од Света Гора.

Иконата на градот Струмица му ја подарува светиот игумен на Свештената Обител „Дохијар“ од Света Гора, Старец Григориј со своето во Христа братство, во знак на спомен на чудото што Пресветата Владичица наша Богородица го направила минатата година над 18-годишно немо момче од Струмица, враќајќи му го говорот во целост.

ФОТОГАЛЕРИЈА 1

ФОТОГАЛЕРИЈА 2

ФОТОГАЛЕРИЈА 3