Во Струмица мини Саем на книгата од 15 до 18 март

12 Март 2017

Од 15 до 18 март, во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, ќе се одржи Саем на книгата на издавачот „Македоника литера“ од Скопје.

Продажните пултови ќе бидат отворени од 11:00 до 20:00 часот. На оваа изложбено-продажна манифестација, со попуст и до 70%, ќе се продаваат близу 300 изданија на „Македоника литера“ од областа на детската литература, белетристиката и историографијата.

Љубителите на добрата книга од Струмичкиот регион на едно место ќе може да најдат наградувани и високо вреднувани современи европски романи, многу наградени романи од Балканот, дела од класиката, историски романи, дела од македонски автори, книги за деца од најдобрите македонски автори и од познати странски автори, вредна историска литература, антологиски дела на светската драма, книги за театар и за филм, стручна литература...

Во рамките на Саемот, на 16-ти март, во ЦК „Антон Панов“ ќе се одржи омаж на истакнатиот македонски писател за деца Киро Донев, а по повод два негови јубилеја: 75 години живот и 50 години творештво.