Вандали го изгаснаа крстот над Струмица

11 Март 2017

Синоќа од страна на несовесен поединец или на група несовесни граѓани, извршен е вандалски чин врз големиот крст кој се наоѓа на ридот над градот Струмица.

Според информациите од општина Струмица, извршено е искорнување на кабелот за електрично напојување на крстот и тоа од највисоката негова точка.

Од општината реагираат и најостро го осудува сторениот вандалски чин и ги повикуваат надлежните органи за прогон, да го пронајдат сторителот или сторителите и соодветно да ги санкционираат за ова злодело.

„Со оглед на фактот што не станува збор за изолиран случај, туку уште еден од многуте такви со кои се уништуваат општите добра на градот и општината, апелираме до граѓаните на воздржување од такви недозволени дејствија, кои не само што предизвикуваат материјална штета, туку, во конкретниот случај, можат да ја нарушат безбедноста и животите на граѓаните. Апелираме до совесните граѓани, доколку забележат какви било активности на уништување на општите добра, навреме да ги пријават во надлежните институции“ - стои во соопштението од Општина Струмица.

Вандалски чин од вакви размери синоќа е регистриран и во големиот Градски парк во Струмица.

Екипа од Одделението за јавно осветлување при ЈП „Паркиралишта Струмица“, денеска работеше на крстот за негово повторно осветлување.