Што би направиле струмичанките доколку бидат градоначалник

11 Март 2017

Жени од Струмица доколку би биле градоначалник, парите од Буџетот на општина Струмица би ги потрошиле на подобрување на образованието, социјалната заштита, програми за економско јакнење и самовработување, но и за подобрување на патната и комунална инфраструктура во градот и населените места во општината.

Тие се нивните желби во кампањата „Жените буџетираат“, од акцијата на „Здруженска“ од Скопје, на прашањето каде ќе ги наменат јавните пари на локално ниво.

Жени од Струмица срамежливо застануваа на поставениот пункт пред трговскиот центар „Глобал“ за да ги кажат и напишат своите мислења и идеи за што би направиле ако станат градоначалнички.

„Целта е да ги поттикнеме жените да влезат во сферата на креирањето политики на што да се трошат јавните финансии на локално ниво, бидејки искуството покажа дека воопшто не се активни во областа на одлучувањето, а уште помалку се активни во донесеување одредени буџетски програми. Сметаат дека тоа не е нивна работа“ - вели Сузана Гроздановска Филева од „Здруженска“.

Досегашното искуство, како што велат организаторите, покажува дека жените воопшто не се активни во одлучувањето на локално ниво, а уште помалку во донесување на одлуки на локалните програми и буџети. Од таму додаваат дека постојат и примери каде што жените сметаат дека тоа не е нивна работа и оти не знаат дека се тоа пари на граѓаните.

Гроздановска Филева потенцира дека постои интерес кај жените да се вклучат во овие процеси, но според неа, не се искористуваат постоечките можности кои ги нуди законската рамка, ниту пак некој ги промовира овие можности.

Искуството од досегашните реализирани кампањи на „Здруженска“ покажуваат дека жените најмногу се фокусираат на практични потреби, како што се полесен пристап до вода, до патишта, отворање на детски градинки, амбуланти и слично.

Кампањата која во Струмица ја спроведе Организацијата на жени, е дел од акцијата Застапување на родово инклузивни буџети, проект на швајцарската агенција за развој и соработка, поддржан од Цивика мобилитас, Нирас од Данска и МЦМС.