Струмичките земјоделци бараат исплата на субвенциите

09 Март 2017

Сојуз на синдикат на земјоделски производители од Струмица и Здружението „Еко Градинар“ од Добрејци, денеска побараа од ресорниот министер под итно да бидат исплатени субвениците на земјоделците, бидејќи немало никакви пречки.

„На последното наше барање, образложение за неисплаќање на зејоделските субвенции беше дека исплатата на истите се коси со законската регулатива за изборите, според која 40 денови пред одржување на избори не се врши исплата на субвенции. Но, сега ве прашуваме господине министре Цветков, според кои избори не се врши исплата на субвенции, бидејќи колку што знаеме во најкраток временски период нема закажано никакви избори. Згора на тоа, ако изборниот закон го декларира тоа, зошто во законот за земјоделство и рурален развој никаде не е ограничено ако во даден временски период се одржат избори, нема да се врши исплата на субвенции“ - рече Ристо Велков, претседател на Сојуз на синдикат на земјоделци.

Ванчо Митев, од Здружението на земјоделци „Еко градинар“ од Добрејци, побара да се деблокира исплатата на субвенициите, бидејќи производствената сезона е во тек и на земјоделците им се потребни овие средства.

„Треба да го организираме производството, но немаме обртни средства. Потребно ни е нафта, ѓубре, пестициди и други репроматеријали. Полјоделците, тутунарите и градинарите ги чекаат субвенциите“ - рече Митев.

Тој додаде дека некои откупувачи на пиперката „куртовска капија“ се уште ги немаат платени откупените количини на земјоделците.

„Од август лани преработувачите се уште немаат извршено исплата, иако рокот е 90 денови. Бараме од министерството за земјоделство да преземат мерки и долгот преработувачите да го исплатат во рок од една недела.

И Велков и Митев упатија апел до политичарите во најкус временски период да се формира влада и сите активности што следуваат да бидат организирани и навремено спроведени и да бидат исплатени субвенциите.