Струмица домаќин на Државното првенство во футсал за средношколки

09 Март 2017

Во Спортската сала на Средното општинско училиште „Никола Карев“ во Струмица, денеска беше отворено Државното првенство во футсал за средни училишта во женска конкуренција, во организација на Федерацијата на училишен спорт на Македонија и Општинскиот сојуз на училишен спорт Струмица, а со поддршка на општина Струмица.

На првенството, кое се одржува од 9-ти до 11-ти март, учествуваат шест екипи, од СОУ „Никола Карев“ од Струмица, СОУ „Кочо Рацин“ од Велес, СОУ „Нико Нестор“ од Струга, СМУ „Јован Калаузи“ од Битола и две училишта од Скопје, СДУК „Методи Митевски-Брицо“ и од СОУ „Васил Антевски-Дрен“.

Државното првенство го отвори градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов, потенцирајќи го спортскиот дух на струмичани и Струмица, кои биле домаќини на бројни значајни спортски настани, како што се европски првенства во разни спортови во младински категории, но и на други меѓународни и државни првенства, домаќини на две училишни спортски олимпијади, со континуирана поддршка од Општина Струмица.

„Ако сведоштвата велат, дека овој наш град секогаш успешно го положувал испитот од укажаната доверба, не се сомневам дека така ќе биде и овој пат. Се надевам дека ова Државно првенство во футсал за средни училишта, во женска конкуренција, ќе покаже дека футсалот е подеднакво атрактивен спорт како и неговиот постар брат – фудбалот, и дека припадничките на понежниот пол, можат успешно да се носат со вештините и предизвиците што тој ги носи“ - истакна Костадинов.

Обраќајќи им се на младите фудбалерки, градоначалникот Костадинов им посака во наредните три дена заедно да поминат прекрасни мигови во овој град на спортот и младоста, и тоа во спортски дух, во фер-плеј игра и пред се во една пријателска атмосфера.

„Колку и да се важни исходите од Вашите меѓусебни средби, најважно е да станете побогати за нови пријателства кои треба да ги чувате и негувате. На гостинките им посакувам да понесат убави спомени од Струмица и од ова првенство, а на сите средношколски екипи добри и возбудливи натпревари. На крајот нека победат најдобрите“ - рече Костадинов.

ФОТОГАЛЕРИЈА