Награди за најдобрите литературни и ликовни творби „Жената во секојдневието“

09 Март 2017

Во Струмица денеска беа доделени наградите за најдобрите ликовни и литературни творби од конкурсот на тема „Жената во секојдневието“, на кој учествуваа ученици од основните и од средните училишта од регионот.

Беше отворена и ликовна изложба од пристигнатите дела, а наградените млади писатели ги прочитаа своите творби. Конкурсот го организираше општинската установа Центар за деца за млади „Благој Јанков Мучето“, во соработка со Општина Струмица.

„Темата која ја избравме е „Жената во секојдневието“. Значи – жена адвокатка, докторка, политичарка и слично. Целта ни е да прикажеме дека жената нема само улога на мајка или родител, чија основна задача е да се грижи за домот и семејството, туку дека жената го може истото што го може и мажот. Сакаме да ја покажеме и афирмираме родовата еднаквост“ - рече Светлана Мазгалоска-Вуќетиќ од Центарот за деца и млади.

Годинава првпат во реализацијата на традиционалниот конкурс за одбележување на Меѓународниот ден на жената се вклучи и Општина Струмица, преку Одделението за локален економски развој, каде како партнер во Стратегијата и Програмата за родова еднаквост учествува и Центарот за деца и млади.

Организаторите велат дека се задоволни од интересот и од бројот на пристигнати литературни и ликовни творби.