Осмомартовски: Форумот на жени на СДСМ делеа каранфили

08 Март 2017

Во организација на Форумот на жени при Општинската организација на СДСМ, денеска се одржаa традиционалната Осмомартовска прошетка низ улиците на Струмица, а посетија и неколку дуќани, каде работеа жени, подарувајќи им каранфили со Осмомартовска честитка.

Социјалдемократките предводени од пратеничката Катерина Кузмановска, прошетката напладне ја започнаа од плоштадот „Гоце Делчев“, влегот во ТЦ „Глобал“, низ булеварот „Ленинова“ до малиот Градски парк кај зградата на Општина Струмица, а таму ги пречека претседателот на ОО на СДСМ во Струмица, Марјан Даскаловски и ВД градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

Во изјавата за медиумите пратеничката од СДСМ, Катерина Кузмановска, потенцираше дека жените од СДСМ можат и имаат капацитет за реализирање на концептот еднакво општество за сите граѓани, но и порача дека треба уште многу да се работи на правата на жените.

„Ние жените од СДСМ сме подготвени, знаеме, можеме, умееме, имаме доволно сила и храброст, искрени сме во намерата во реализирањето на концептот за еднакво општество за сите граѓани, вклучително и еднаквите можности меѓу мажите и жените и унапредување на правата на жената во општеството. Затоа, сметам во периодот што ни претстои, треба уште многу да работиме и да направиме и да отвориме многу прашања, како што се правата на жената работничка, правото на глас на жената, еве ќе го споменам и законот за абортус и можноста жената да одлучува за правото за планирање на семејството, правата на жената во руралната средина, правата на жената со телесна попреченост, родово-половата дискриминација, семејното насилство, самохраните мајки и се разбира учеството на жената во политиката и во останатите сфери од општествено-политичкиот живот“ рече Кузмановска.

Претседателот на ОО на СДСМ во Струмица, Марјан Даскаловски, честитајќи им го празникот на жените од Социјалдемократскиот сојуз, ја истакна нивната потреба во севкупното дејствување во општествено-политичкиот живот во државата.

„Нашата Општинска организација е најдобрата во Република Македонија, тоа го должиме на вас жените. Социјалдемократите во Македонија во изминатиот период имаа тешки моменти, вие, заедно со нас мажите бевте перјаницата на социјалдемократијата во Македонија. Ако ВМРО-ДПМНЕ „не скршеше“ овде во Струмица, не знам кај ќе ни беше крајот. Издржавте вие, ние малку ви помагавме и еве денеска сме на прагот на слободата, бидејќи нашата партија ќе формира Влада и нашиот најсакан човек во Струмица ќе ни стане премиер. Сето тоа ви го должиме на нас жените од мојата општинска организација“ - истакна Даскаловски.

ФОТОГАЛЕРИЈА