Шестмина млади струмичани дел од кампот за млади иноватори и претприемачи

07 Март 2017

Успешно заврши првиот Камп за млади иноватори и претприемачи, организиран од Бизнис Центарот за поддршка и консултативни услуги на МСП формиран во рамките на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион со седиште во Струмица и Knowledge Center.

Кампот за млади иноватори и претприемачи се оддржа од 1-ви до 5-ти март во Дојран, и на него учествуваа 15 млади луѓе на возраст до 29 години кои живеат во некоја од 10-те општини кои го сочинуваат Југоисточниот плански регион, мешу кои и шестмина од Струмица, двајца ученици од СОУ „Никола Карев“ и ПСУ „Јахја Кемал“, како и четворица студенти. 

Сите учесници на кампот имаа можност да го збогатат своето знаење и да ги зајакнат своите вештини преку предавањата и вежбите кои ги имаа на различни теми во овие пет ден, вклучувајќи креативност, претприемништво, иновации, маркетинг, менаџмент и финансии. 

Покрај менторите од Knowledge Center, на кампот учествуваа експерти од повеќе области кои го споделија своето искуство со учесниците на кампот: Катерина Ангеловска - Тренер за личен развој, Верица Јорданова - Иновативност.мк, Петар Лазаров од струмичката компанија МАМА’С, и струмичанецот Зоран Витанов од Lyoness Македонија.

Главна цел на кампот беше да се овозможи креативно патување со цел младите луѓе да разработат добри бизнис идеи кои би биле основа за развој на сопствен бизнис.