Чудотворната икона од Света Гора на Пресвета Богородица доаѓа во Струмица

06 Март 2017

Во недела, 12-ти март, во Струмица ќе биде донесена чудотворната икона на Пресвета Богородица „Брзопослушничка“ од светата обител Дохијар - Света Гора.

Со благослов на Митрополитот Струмички г. Наум, во недела ќе се одржи свечена литија низ градот Струмица. Литијата ќе започне во 13:00 часот на плоштадот „Гоце Делчев“ и ќе се упати низ булеварот „Маршал Тито“ до кружен тек кај ЕВН Македонија, продолжува кон „Чурлински мост“, оттаму ќе продолжи до нејзинот вечно седиште, Манастирот „Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ во Струмица.

Иконата на градот Струмица му ја подарува светиот игумен на Свештената Обител Дохијар од Света Гора, Старец Григориј со своето во Христа братство, во знак на спомен на чудото што Пресветата Владичица наша Богородица го направила минатата година над 18-годишно немо момче од Струмица, враќајќи му го говорот во целост.

Торжеството ќе започне со Света архиерејска Литургија во Манастирот „Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици“, во 09:00 часот, со која ќе началствуваат: надлежниот архиереј, Н. В. Митрополитот Струмички г. Наум, Н. В. Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, и Н. В. Митрополитот Европски г. Пимен.