Од понеделник до петок повремени врнежи од дожд

04 Март 2017

Од понеделник до петок, под влијание на серија влажни воздушни бранови од Медитеранот, ќе преовладува променливо облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет.

Во понеделник ќе има и услови за ретка појава на грмежи и засилен ветер, посебно во југоисточните делови на државата. На повисоките планини, особено во западните делови врнежите ќе бидат од снег и ќе се формира нова снежна покривка.

Пообилни врнежи се очекуваат во среда во западните и јужните делови каде вкупната количина на наврнат воден талог ќе надминува 30 л/м2, а локално и над 40 л/м2.

Во петок претпладне во југоисточните делови сеуште ќе има локални врнежи со слаб интензитет, а попладнето насекаде ќе престанат. Од среда ќе дува и умерен до засилен северен ветер кој ќе предизвика опаѓање на дневната температура.