СОУ „Никола Карев“ од Струмица дел од светски познатата Академија Оракл

04 Март 2017

Денешните ученици имаат потреба од примена на информатичката технологија како дел од нивното образование. За да бидат подготвени за факултет и кариера, учениците треба да умеат да пронајдат примена на информатиката како дел од нивната образовна струка.

Во таа насока СОУ „Никола Карев” од Струмица на своите ученици и вработени им обезбеди пристап до светски позната Академијата Оракл (Oracle Academy), која академија е водечка во информатичката технологија за програмирање.

СОУ „Никола Карев” Струмица стана партнер училиште со академијата под менторство на професорот по физика Никола Делевски, кој успеа да го обезбеди членство на училиштето во академијата, благодарение на неговата работа со НВО Пријатели на образованието и Академијата Оракл.

„Како професор знам дека обезбедувањето на висококвалитетно образование бара наставни програми, ангажирање на ресурси, како и квалификувани, обучени и професионални наставници. Академијата Оракл нуди широк спектар на настава во училница, самостојно учење, работилници и ресурси. Учениците и професорите можат да се приклучат на Академијата Оракл како индивидуални или институционални членови. Придобивките кои се на располагање на индивидуалните членови се дизајнирани да го прошират знаењето за информатиката и вештините на учениците директно” – вели професорот Делевски.

Академијата Оракл работи со илјадници членови од образовни институции од 105 држави и го унапредува образованието од областа на компјутерската технологија на глобално ниво, го зголемува знаењето, развојот на вештините, нуди иновации и различност во полето на технологијата, поддржувајќи повеќе од 2,2 милиони ученици секоја година.

Институционално членство на СОУ „Никола Карев” од Струмица им нуди достап до ексклузивни предности на членовите и ресурси од нивна полза, со што на училиштето и учениците ќе им помогне да бидат подготвени за понатамошна кариера и да добијат релевантно знаење и вештини потребни за индустријата.

„Како институционален член, ве охрабруваме да го проучите и искористите вашето членство и предностите за да го проширите вашето знаење од областа на компјутерската технологија во вашата институција. Ви честитаме и ви посакуваме добредојде во Оракл Академијата. Ви благодариме за вашиот интерес и поддшка. Со нетрпение очекуваме долга и корисна соработка” - стои во писменото известување до СОУ „Никола Карев“ од Оракл Академија, потпшишано од потпретседателот Алисон Џ. Дербенвик Милер.