Трет ден протестен марш на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“

03 Март 2017

И вечерва низ улиците на Струмица имаше протестен марш за поддршка на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. Стартот на маршот започнува пред споменикот на Гоце Делчев на самиот плоштад, а завршува пред зградата на општина Струмица.

На плоштадот пред протестантите се обрати натурилизираната струмичанка, по потекло од Црна Гора, ликовниот уметник Ана Филев, говорејќи за зачувување на унитарноста, јазикот, името и идентитетот.

Таа жали за сите оние кои од внатре или од надвор, како што рече, ја растураат мирната Македонија, исто како што континуирано ги влошуват односите помеѓу сите братски народи од регионот.

„Еднаш ме прашаа што сакам од својот живот во иднината. Немав конкретен одговор, немав детали, само сакав да бидам среќна со човек кој ме сака, кој ја разбира уметноста, да живеам некаде, а тоа да не биде Црна Гора, во земја која има многу сончеви денови. Не знаев дека таа земја ќе има сонце дури и на нејзиното знаме. Не знаев дека таа земја ќе биде Македонија, земјата на Александар. Сега некој сака тоа сонце, да ми го украде мене, на Македонците, на моите деца. Сега некој сака зборот Македонија повеќе да не постои“ - рече Ана Филев.

Од градскиот плоштад, учесниците на протестот поминаа низ централното градско подрајче. Протестот помина мирно без инциденти.