Цветков: Нема субвенции бидејќи нема нова Влада

03 Март 2017

Министерот за земјоделство Михаил Цветков, денеска пред фармерите во струмичкиот регион истакна дека исплата на субвенциите нема, бидејќи нема формирано нова влада. Тој вели дека Законот за избори не дозволува исплата на средства од програмата за поддршка на земјоделството.

„Колку што се пролонгира формирањето нова Влада, толку повеќе ќе доцни исплатата на субвенциите на земјоделците за минатата година. Законот за избори е ригорозен и не дозволува исплата на средства од програмата за подршка на земјоделството“ - им објаснуваше министерот на фармерите, кои се интересираа кога може да ги добијат неисплатените субвенции од минатата година.

Цветков рече дека ќе поднесат предлог измени на Законот за избори, кој преставува пречка за исплата на субвенциите бидејки на прагот се и нови – локални избори, кои според сегашната регулатива повторно ќе ја одложат исплатата. Според него, тие измени можеле веднаш да бидат донесени и тоа на самото конституирање на новото Собрание, со што ќе се одблокира исплатата.

Од Синдикатот на земјоделски производители велат дека Владата имала можност да ги исплати субвенциите за минатата година ако сакала. Датумот за избори бил фиксиран многу однапред, а законот за земјоделство и рурален развој сугерира исплата до 31 декември во тековната година.

„Голем дел од субвенциите не се исплатени за минатата година. На земјоделците сега им се најпотребни, бидејќи треба да ја отпочнат новата сезона. Во законот за земјоделство и рурален развој стои дека до крајот на тековната година треба да се исплати поддршката, со исклучок на оние фармери кои добиваат субвенции за предадено количество за кои краен рок за исплата е 30 јуни, период кога има и локални избори. Владата тоа го знаше“, вели Ристо Велков од Синдикатот.