Во Струмица доделени наградите на најдобрите карикатури и афоризми

27 Февруари 2017

Во организација на НУЦК „Антон Панов“ од Струмица, во рамките на карневалските свечености беа доделени наградите на најдобрите карикатури и афоризми од 18-от меѓународен Фестивал за афоризам и карикатура „Струмица 2017“.

Од 200 карикатури од 30 земји и 400 афоризми од десеттина земји, Иваило Цветков од Бугарија и Милорад Вујновиќ од Србија се најуспешни на годинашниот Фестивал. Цветков ја доби златната плакета за карикатура, а Вујновиќ за афоризам.

Меѓународното жири во состав: Маја Чолакова од Бугарија, претседател и членовите од Македонија, Мирослав Георгиевски, Ѓорги Панов, Никола Сарајлија и Александар Филев, сребрената плакета во категоријата карикатура, му ја додели на Константин Казанчев од Украина, а бронзената на Клаус Питер од Австрија.

Во категоријата афоризам сребрената плакета ја доби Пеко Лаличиќ, а бронзената авторот Александар Чортиќ и двајцата од Србија.

Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, специјалната награда за најдобра карикатура му ја додели на Златко Крстевски од Македонија.

Фестивалот на афоризам и карикатура е инспириран од Струмичкиот карневал, а како главна тема ги има карневалот и еротиката.

Изложбата од најдобрите карикатури и афоризми струмичани можат да ги видат во изложбениот салон на Центарот за култура, која ќе биде поставена во наредните десеттина дена.

ФОТОГАЛЕРИЈА од доделувањето на наградите