Карневалско лудило во Струмица - Рио во мало

26 Февруари 2017

Дека „Струмичкиот карневал“ е меѓу 20-те најдобри карневали во светот, потврдија и прекрасните изработки на маски презентирани на годинашното издание на карневалот во Струмица.

„Бевме слушнале, но ова што го видовме вчера и вечерва навистина не импресионира. Имате карневал кој е далеку поинтересен од нашите. Ова е балканскиот Рио. Вие сте прекрасен народ, гостопримливи, уживаме во вашиот град кој има луда забава“ - велат дел од странските учесници на Струмичкиот карневал.

Четири часа повеќе 2000 маскирани луѓе поделени во 38 карневалски групи и поединци, синоќа ги презентираа своите изработки на маски со сценски музички точки по центарот на градот Струмица, а меѓу нив десеттина беа од неколку европски земји.

Разновидни креации и музичко сценски настапи, донесоа раскош убавини и шаренило од бои, вметнувајќи ја Струмица како европски кареневалски град.

Стартот на долгата карневалска поворка ја најави „кралот“ од пред споменикот на Гоце Делчев со зборовите „Објавувам! Нека почне Струмичкиот карневал“, а поворката ја предводеа принцот и принцезата Александар и Соња Ташеви, кои беа избрани на традиционалниот Маскенбал, предходната вечер во хотелот „Сириус“.

По официјалното презентирање на маските, кои жирито ги оценуваше, голем број струмичани и гости од другите градови во Македонија, но и пошироко, шетаа маскирани низ Струмичкото корзо, а забавата траеше се до утринските часови, во баровите и ноќните клубови, кои си организираа забави под маски.

ФОТОГАЛЕРИЈА 1

ФОТОГАЛЕРИЈА 2

ФОТОГАЛЕРИЈА 3

ФОТОГАЛЕРИЈА 4

ФОТОГАЛЕРИЈА 5

Мирна карневалска ноќ во Струмица

Секторот за внатрешни работи во Струмица, информира дека за време на одржување на главната карневалска вечер на „Струмичкиот карневал“, во сабота 25 февруари, не се регистрирани кривични дела ниту пак нарушувања на јавниот ред и мир.