13 години од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски

26 Февруари 2017

По повод 13 години од трагичната смрт на претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа заедно со неговите најблиски соработници, денеска во неговата родна Струмица, пред споменикот „Македонија“, се одржа чествување.

Од името на општина Струмица свежо цвеќе пред споменикот положи градоначалникот Костадин Костадинов, а за животот и делото на Трајковски говореше претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов.

„Иако јавноста на различни начини ја коментираше неговата работа, факт е дека Борис Трајковски работеше со чесни намери да и помогне на Република Македонија и на нејзините граѓани. Тоа тој го правеше со нагласена енергија, верба во успех и со многу, многу љубов. Остана верен на својот препознатлив стил со кој манифестираше ведрина, топлина, срдечност и беспрекорна ширина во своите погледи и ставови. Без разлика дали се среќаваше со високи државници ширум светските меридијани или со обичните граѓани низ македонските градови и села, Борис Трајковски остануваше секогаш Борис Трајковски. Стоеше исправено и пред најголемите искушенија со кои се соочуваше Република Македонија. Божјиот човек, трпеливо и добродушно се справуваше со сите бариери кои се наоѓаа пред него. И тогаш кога низ светот требаше да се најдат вистински пријатели за евро-атлантското интегрирање на Македонија, и тогаш кога воениот конфликт и се закануваше на земјата дека ќе ја фрли во амбис, секогаш, ама баш секогаш наоѓаше сили да биде голем пред големите предизвици. Им простуваше на сите што го напаѓаа, ги ползуваше сите можни придобивки од позитивната дипломатија, но се чини беше најголем како творец на Рамковниот договор со кој му стави крај на меѓуетничкиот конфликт. Претседателот Борис Трајковски сонуваше за поуспешна, посреќна, попросперитетна и посилна Македонија, како дел од ЕУ и НАТО“ - истакна Христов.

Членови на Рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Јанков Мучето“ од Струмица, интерпретираа рецитал посветен на претседателот Борис Трајковски.

Традиционално и годинава, во Градскиот парк спроти споменикот „Македонија“, членови на Унијата на жени при ОК на ВМРО-ДПМНЕ Струмица, засадија дрвце во чест на претседателот Трајковски.

Борис Трајковски е роден во Струмица на 25 јуни 1956 година. Беше втор претседател на Република Македонија во периодот од 15 декември 1999 година до неговата смрт во 2004 година.

ФОТОГАЛЕРИЈА