Струмица ги чествува заштитниците на градот, вечерва доделени Годишните награди

10 Декември 2016

На свечената седница беа доделени традиционалните Годишни награди и наградата за животно дело „Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици“

Струмица утре празнува и го чествува Денот на заштитниците на градот Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици.

 

Советот на општина Струмица, вечерва во Центарот за култура „Антон Панов“ ја одржа свечената седница, на која присуствуваа голем број гости и почитувачи на Струмица и нејзините заштитници.

 

За значењето на празникот говореше претседателот на Советот, Јосиф Христов, кој меѓу другото рече дека овoj е ден е празник над празниците за сите струмичани, за сите оние кои ја сакаат Струмица и ја чувствуваат за своја.

 

На свечената седница беа доделени традиционалните Годишни награди и наградата за животно дело „Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици“ на општина Струмица за 2016 година.

 

Годишната награда ја добија, м-р Ана Витанова Рингачева, за особен придонес во областа на науката, литературата и културата, Александра Јанева, за особен придонес во областа на музичката дејност, Билјана Серафимовска, за особен придонес во областа на алпинизмот, Васка Тасева, за особен придонес во областа на образованието и културата, Горан Кукиќ, за особен придонес во областа на музичката дејност, Атанас Пандев, за особен придонес во областа на хуманоста и крводарителството и проф. Даница Стојанова, за особен придонес во областа на музичката уметност и култура.

 

Наградата за животно дело ја доби познатиот фолклорист, публицист, научен и просветен работник, Иван Котев, за особен придонес во областа на науката, литературата и културата.

 

На вечерашната свечена седница, која се одржа во присуство на голем број граѓани, гости од црковниот, политичкиот и општествениот живот, претставници од дипломатскиот кор во Република Македонија и други гости од земјата и странство, свој музички настап имаа наградените Александра Јанева и Горан Кукиќ со групата „Јупитер“, а веднаш потоа се одржа Годишниот концерт на Ансамблот „Тримери“.

 

ФОТОГАЛЕРИЈА