Никола Маџиров ја доби наградата Eвропски поет за 2016, парите ќе ги донира за настраданите во поплавите

12 Август 2016

Никола Маџиров доби награда во Кембриџ, Велика Британија, за Eвропски поет за 2016 година

Никола Маџиров доби награда во Кембриџ, Велика Британија, за Eвропски поет за 2016 година.

 

На церемонијата којашто се одржа синоќа на „Кингс колеџ” во Кембриџ, на гала-вечерата во присуство на градоначалникот на Кембриџ, заменик ректорот на „Кингс колеџ” и други значајни гости од универзитетскиот и книжевен свет, а во присуство на поетите и уметници учесници на „Шу Жимо поетри енд арт” фестивалот, на струмичанецот Никола Маџиров му беше доделено признанието Европски поет за 2016 година за придонес во современата европска поезија, во вид на рачно изработена скулптура сребрен лист.

 

Наградата му ја врачи долгогодишниот професор на „Кингс колеџ”, Ален Мекферлејн. Никола Маџиров парите од наградата ќе ги донира за справување со водената трагедија во скопскиот регион.

 

Никола Маџиров пред присутните гости читаше стихови на македонски и англиски јазик во превод на Пеги и Греам Рид, а наградата ја посвети на загинатите од поплавата во Македонија.

 

„Листот од врбите долж реката Кем е еден од симболите на Кембриџ. Листот е јазик на кревкоста, а кревкоста е единственото оружје на поетите. Оваа награда ја посветувам на загинатите во поплавата во Македонија. Велат водата има долго паметење, овој пат ние сме тие што треба да паметат. Суровоста на стварноста е во сознанието дека она што го имаме во најголемо количество во нашите дела - водата, може така лесно да не убие” - рече Маџиров пред присутните.

 

Наградата за животно дело и придонес во светската современа поезија му беше доделена на неколкукратниот кандидат за Нобелова награда за литература и венцоносец на Струшките вечери на поезијата, Беи Дао од Кина.